
Гениталните кондиломи, уште познати и како генитални брадавици, се едни од најчестите полово преносливи болести. Тие се предизвикани од хуман папилома вирус (HPV) и се јавуваат на кожата и слузокожата на гениталниот регион. Гениталните кондоломи можат да предизвикаат непријатност и болка, а во некои случаи HPV инфекцијата може да доведе до сериозни здравствени проблеми, како што е рак на грлото на матката. За среќа, постојат различни методи за третман и превенција на оваа генитална болест.
Гениталните кондиломи се израстоци на кожата, кои се предизвикани од одредени типови на хуман папилома вирусот (HPV). Дури 90% од гениталните кондиломи се предизвикани од HPV типови 6 и 11, кои за разлика од високоризичните типови, ретко предизвикуваат карцином.
Хуман папилома вирусот се пренесува преку директен контакт со заразена кожа или слузокожа, најчесто при сексуален однос. Може да се инфицираат и двата пола, а вирусот се пренесува дури и кога нема видливи промени на кожата, односно инфицираното лице може да биде несвесен преносител.
Гениталните кондиломи можат да имаат различен изглед – од мали и тврди до меки израстоци на кожата, со варијабилна големина и број. Тие можат да предизвикаат болка, чешање, крварење и непријатност при сексуален однос, или пак да не предизвикуваат никакви симптоми. Често, симптомите не се јавуваат веднаш по инфекцијата, туку може да поминат месеци или години пред да се појават видливи генитални брадавици.
Ризикот за инфекција со HPV се зголемува со фактори како што се ран почеток со сексуална активност, повеќе сексуални партнери, неупотреба на заштита при сексуални односи и ослабен имунитет. Разбирање на начинот на пренос на HPV и препознавање на симптомите е клучно за навремена дијагноза и преземање соодветни мерки за третман и превенција.
Гениталните кондиломи обично се дијагностицираат преку клинички преглед на гениталната регија, од страна на гинеколог или уролог. Кај жените, Пап-тест (Папаниколау тест) е суштински дел од дијагностиката, бидејќи овозможува откривање на промени во клетките на грлото на матката предизвикани од вирусот. Ако тестот покаже одредени абнормалности, може да се направат дополнителни тестови, како што е HPV- типизацијата, кој утврдува присуство на специфични типови на вирусот.
Лекувањето на генитални кондиломи вклучува медикаментозни креми, криотерапија, електрокаутеризација, ласерска терапија и хируршко отстранување. Изборот зависи од тежината и локацијата на брадавиците. Иако овие третмани ги елиминираат видливите брадавици, HPV вирусот може да остане во организмот и по третманот, што значи дека постои ризик од повторна појава на кондиломи. Затоа, неопходни се редовни гинеколошки контроли за следење на состојбата.
Најефективен начин за спречување на HPV инфекцијата е преку вакцинација. Вакцините против HPV, како што се Gardasil и Cervarix, обезбедуваат заштита од најчестите типови на вирусот кои предизвикуваат генитални брадавици и рак на грлото на матката. Вакцината е најефективна ако се прими пред почеток со сексуална активност, но исто така може да биде корисна и за лица кои веќе се сексуално активни.
Покрај вакцината, користењето на заштита при сексуален однос, како што се кондомите, значително го намалува ризикот од пренос на HPV. Иако кондомите не обезбедуваат стопроцентна заштита, тие се еден од најдобрите начини за намалување на ризикот од инфекција.
Гениталните кондиломи се сериозна сексуално пренослива болест, која може да има физички, психолошки и социјални последици. Навремена дијагноза и третман се клучни за спречување на нивната прогресија и понатамошни компликации. Најдобри мерки за намалување на ризикот од инфекција се навремена вакцинација и користење заштита при сексуален контакт.