Атеросклероза: што треба да знаете за овој “тивок убиец“?

1500x1500 (1700 X 1200 Px)

Атеросклероза е најчестата болест на артериите, крвните садови кои носат крв збогатена со кислород до сите органи и ткива во човечкиот организам. Главна карактеристика е формирањето на наслаги кои ги стеснуваат артериите и го нарушуваат протокот на крвта. Атеросклерозата може да започне уште во раните 20ти години од животот, а последиците се најчести помеѓу 55 и 65 години кај мажите и по менопаузата кај жените. Всушност, ова претставува латентна, или “скриена“ болест, се’ додека не се комплицира со тромбоза, која води до акутен мозочен удар, срцев удар или ненадејна срцева смрт. Затоа е многу важно да се запознаат предупредувачките знаци и можностите да се заштитиме од овој “тивок убиец“.

Што е атеросклероза?

16

Атеросклерозата се карактеизира со создавање на т.н. плака или наслага од масти, холестерол и сврзни елементи на ѕидот на крвниот сад. Оваа наслага предизвикува стеснување на крвниот сад, со што се отежнува протокот на крв. Понекогаш може да се случи откинување на плаката, пришто се оштетува крвниот сад и води до создавање на тромб, односно згрутчување на крвта и ограничување на протокот на крв. Иако познато е дека атеросклерозата ги зафаќа крвните садови на срцето, сепак таа е болест на сите артерии со средна големина во човековиот организам, вклучувајќи ги аортата, артериите во вратот, ‘рбетот и долните екстремитети.

Кои се симптомите на атеросклероза?

Во раната фаза на развој на атеросклероза симптомите може целосно да отсуствуваат. Симптомите за прв пат може да се појават кога сте под физички и емоционален стрес, кога органите имаат зголемена потреба од дотур на кислород. А тогаш веќе може да е предоцна за спречување на напредокот на болеста. Симптомите главно зависат од тоа кои артерии се засегнати и колку е намален продокот на крвта во нив.

  • Градна болка, срцебиење, прескокнување на срцето, недостаток на здив, се симптоми на заболување на срцевите (коронарните) артерии
  • Болка и тежина во нозете после одење и мускулни спазми се симптоми на периферна артериска болест
  • Ненадејна вкочанетост или слабост на рацете или нозете, нејасен говор, слабост на мускулите на вилицата, јака главоболка, привремено губење на видот укажуваат на транзиторен исхемичен напад, кој може да премине во мозочен удар со сериозни последици
  • Еректилна дисфункција кај мажите може да биде предупредувачки знак за оштетување на крвните садови и зголемен ризик за посериозни компликации

Кои се причините за атеросклероза?

Главната причина за формирањето на атросклерозната наслага е претходно оштетување на крвните садови. Ова оштетување е предизвикано од комбинација од неколку ризик фактори:

  • Пушење цигари
  • Висок крвен притисок
  • Висок ЛДЛ (лош) холестерол
  • Дијабетес
  • Фамилијарна историја
  • Возраст над 45 години за мажи и 55 години за жени

Како се третира или лекува атеросклероза?

17

За атеросклерозата важи дека е подобро да се спречи, отколку да се лекува. Главно третманот на атеросклероза вклучува лекарства за регулација на крвниот притисок и нивото на холестерол во крвта. Сепак, доколку е доста напредната болеста со непосреден ризик од компликации се препорачува хируршки третман како поставување на стент, коронарен артериски бајпас или ангиопластика.

Како да го намалите ризикот од атеросклероза?

Фокусот на превенција на атеросклероза е воведување на здрави животни навики. Ова докажано го спречува, односно намалува создавањето на наслаги кај атеросклерозата. Совети кои може да ги примени секој од нас се:

  • Откажувањето од пушење на цигари и намалена конзумација на алкохол
  • Редовна физичка активност
  • Одржување нормална тежина
  • Здрава исхрана
  • Намалување на нивото на стрес

Заклучок

Најважен чекор во спречувањето и третманот на атеросклероза е промена на животниот стил. Доколку имате атеросклероза или некои фактори на ризик, следете ги препораките од вашиот лекар за да избегнете сериозни проблеми, како што се срцев и мозочен удар.