Како катаракта може да ви го наруши животот: причини, симптоми и третман!

Blog Thumbnails (2)

Катаракта (перде) е заматување на леќата во окото, кое е придружено со нарушување на видот. Најчесто се јавува кај постари лица, над 75 години и тогаш е позната како сенилна катаракта или старечко перде. Постојат и други видови на катаракта кои се јавуваат како последица на повреди на окото (трауматска катаракта), или катаракта која е поврзана со други заболувања – дијабет, воспаленија, автоимуни болести (секундарна катаракта). Дополнително, катаракта може да се биде присутна при раѓање на детето како последица на нарушен развој во матката, повреда или инфекција (конгенитална катаракта).

Што е катаракта?

Катаракта е заматување или замаглување на леќата во окото, кое може да доведе до слепило. Ако е присутна побелена зеница, тоа е знак за зрела катаракта.

Симптоми на катаракта се:

  • Нарушен или замаглен вид
  • Дупла слика
  • Намален контраст на сликата
  • Потешкотии при гледање во темни простории и ноќе
  • Појава на отсјај околу изворите на светлина
  • Отежнато читање, гледање ТВ, возење

Кои се главните причини за развој на катарактата?

21

Сенилната катаракта или старечкото перде е последица на природното стареење на леќата.  За време на овој процес се менува составот на леќата, доаѓа до распаѓање на протеините и нивно слепување. Леќата станува помалку флексибилна и задебелена. Ова го предизвикува карактеристичното заматување и го нарушува видот.

Можности за третман и превенција на катаракта!

20

Пациенти со катаракта може да го корегираат нарушениот вид преку носење на диоптерски очила, меѓутоа прогресијата на болеста продолжува. Единствен третман за целосно отстранување катаракта е хируршка интервенција, односно операција позната како ФАКО метода. Оваа операција се изведува под локална анестезија, при што со помош на ултразвук се отстранува природната оштетена леќа и се вградува нова интраокуларна леќа. Истовремено со овој метод може да се отстрани и диоптријата.

Ризикот за појава на катаракта е зголемен кај лица со дијабет, пушачи, присуство на катаракта кај други членови на фамилијата и при зголемена експозиција на УВ зрачење. Здрава исхрана богата со антиоксиданси како витамин Ц, витамин Е и каротеноиди може да ја забави појавата на старечко перде.

Заклучок

Катарактата е често заболување што сериозно го нарушува квалитетот на живот и го ограничува извршувањето секојдневни обврски. Редовни посети на офталмолог, особено кај постарите лица, лица со дијабет и други заболувања, помагаат во навремено поставување на дијагноза и третман на болеста.