
Хронично воспаление е долготраен процес, кој обично трае неколку месеци до години. Оваа форма на воспаление може да биде последица од инфекции, автоимуни болести, или постојана изложеност на надразнувачки материи од околината. Хроничното воспаление предизвикува локални и системски промени.
Разбирање на механизмите на настанување и симптомите е клучно за навремена дијагноза и третман на хроничното воспаление.
Инфламација, односно воспаление е основен дел од нормалниот имунолошки одговор на организмот. Тоа е процес преку кој имуниот систем идентификува и отстранува штетни агенси и го започнува процесот на заздравување на ткивата. Акутното воспаление се развива брзо, симптомите можат да траат неколку дена, а кога ќе дојде до оздравување, тие исчезнуваат.
За разлика од ова, хроничното воспаление е долготрајно и може да предизвика сериозни здравствени проблеми. Во основа сите хронични болести, како ревматските заболувања, кардиовскуларните болести, дијабетот и канцерот се пропратени со хронична инфламација.
Симптомите на хронично воспаление се различни и не секогаш лесно препознатливи. Некои од најчестите симптоми вклучуваат:
Хронично воспаление може да биде последица на повеќе различни процеси.
Еден од нив е неможност да се отстрани предизвикувачот на акутно воспаление, односно некој микроорганизам, како бактерија, протозоа или габичка. Овој предизвикувач може да ги избегне имунолошките одбранбени механизми на телото и да остане подолг период во ткивата, предизвикувајќи хронично воспаление. Пример за ваков воспалителен механизам е болеста туберкулоза.
Покрај тоа, долготрајна изложеност на одредени иританси од средината, како индустриски хемикалии и аерозагадувачи може да предизвика хронична инфламација.
Друг пример се автоимуните болести, кои секогаш се пратени со хронични воспалителни процеси. Тие настануваат кога имунолошкиот систем смета дека сопствените ткива се туѓи и ги напаѓа. Во оваа група на заболувања спаѓаат ревматски артритис, системски лупус, Хашимото тироидит и многу други.
Појавата на хронично воспаление е поттикната и од нездрави животни навики, како пушење, конзумација на алкохол, прекумерна тежина, исхрана богата со заситени масти. Овие фактори предизвикуваат оксидативен стрес во телото и зголемена продукција на слободни радикали и штетни материи како гликолизирани протеини, оксидирани липопротеини и хомоцистеин. Насобирањето на вакви материи промовира развој на хронични болести и предвремено стареење.
За среќа постојат повеќе методи за намалување на хроничното воспаление. Еден од најважните е здрава и балансирана исхрана, богата со антиоксиданси, омега-3 масни киселини и влакна. Маслиново масло, риба, јаткасти плодови и свежо овошје и зеленчук се одлични избори. Редовна физичка активност, која вклучува аеробни вежби и вежби за зајакнување на мускулите помага во подобрување на општата здравствена состојба и кондиција. Додатно, техники за управување со стресот, како медитација, јога или разговор со терапевт може да помогнат во справување со симптомите на хронично воспаление.
Консултација со лекар е неопходна за идентификување на вистинската причина за хроничното воспаление и поставување на дијагноза. За некои пациенти, нестероидни антиинфламаторни лекови (NSAID) или кортикостероиди може да бидат потребни за контрола на воспалението.
За крај можеме да заклучиме дека хроничното воспаление, доколку не се лекува, може да предизвика сериозни здравствени проблеми. Навремено препознавање на симптомите и причините за негово настанување е важно за правилно лекување. Затоа, практикување на здрави навики и редовни лекарски прегледи се клучни за превенција и контрола на хроничното воспаление.