Современиот начин на живот ни овозможува постојан контакт со дигитални уреди, како што се мобилни телефони, компјутери и телевизори. Тие се неизбежен дел од нашето секојдневие, но истовремено имаат и свои негативни последици, како што е појавата на дигитален замор на очите. Овој проблем има се поголемо влијание во нашето секојдневие, иако многу од нас не се свесни за неговите негативни последици по здравјето на очите.
Дигитален замор на очите, на англиски познат како computer vision syndrome (CVS), се јавува кога очите подолго време се изожени на гледање во екрани на компјутери, мобилни телефони и други дигитални уреди. За разлика од традиционалното читање книги или хартиени документи, екранот зрачи светлина која значително го зголемува напорот што очите треба да го вложат. Преку ова континуирано фокусирање на нашите очи, мускулите на окото се заморуваат, а нивната способност за релаксација по прекин на работата е намалена.
Проблемите со видот можат уште повеќе да го зголемат напорот кој го вложуваат очите при гледање во екран. Исто така и луѓето кои носат наочари или контактни леќи може да откријат дека нивната корекција не е погодна за специфичните дистанци на гледање на компјутерскиот екран. Ризикот за појава на синдром на дигитален замор на очите, исто така се зголемува со бројот на часови поминати пред екран.
Симптоми на дигитален замор на очите можат да бидат разновидни, а нивнот интензитет се разликува во зависност од должината на времето поминато пред екран. Еден од најчестите симптоми е чувство на сувост на очите, што е резултат на намаленото трепкање кога гледаме во екранот. Друг значаен и многу чест симптом може да биде главоболка, особено во фронталниот дел на главата и зад очите, која се јавува како последица на напорот што очите го прават за да се фокусираат.
Понатаму, може да се јави замаглен или двоен вид , кога очите не можат да се фокусираат како што треба, а исто така, може да се забележи и црвенило на очите. Болка во вратот или рамењата се јавуваат поради неприродната положба на држење на телото при гледање во екранот. Појавата на било кој од овие симптоми е знак дека е потребно да се намали времето поминато пред екран и да им се дозволи на очите да се одморат и регенерираат.
За да се спречи појавата на дигитален замор на очите, постојат неколку важни мерки кои можат да се применат во секојдневниот живот. Најпрво, важно е екранот да биде поставен на висина на очите и на растојание од околу 50-70 см, што ќе помогне да се намали напорот на очните мускули. Исто така, треба редовно да се прават паузи, следејќи го правило 20-20-6, што подразбира дека за секои 20 минути гледање на екранот, треба да се направи пауза од 20 секунди и да се погледне нешто на растојание од најмалку 6 метри.
Дополнително, користењето на вештачки солзи или капки за очи може да биде корисно за спречување на сувост и иритација на очите. За да се намали напорот, потребно е просторијата во која се работи да биде добро осветлена. Секако, корекција на диоптерот преку носење очила или контактни леќи е клучен чекор во справување со дигиталниот замор на очите. Се препорачува и носење на заштитни наочари кои блокираат дел од т.н. сина светлината што ја зрачи екранот, како и правење редовни паузи од дигиталните уреди за да се намали нивното влијание на очите.
Дигиталниот замор на очите е сериозен проблем кој може да има значително влијание врз нашето здравје, особено поради неизбежната употреба на дигитални уреди во секојдневниот живот. Разбирање на симптомите и преземањето на соодветни превентивни мерки, може да ја намали појавата на дигитален замор и да го заштити нашиот вид. Примената на овие едноставни совети може да ни помогне да го зачуваме здравјето на очите и да ги избегнеме долгорочните последици од прекумерна изложеност на дигитални екрани.