Нефротоксични лекови – како одредени лекови може да влијаат на бубрезите?

Нефротоксични лекови како одредени лекови може да влијаат на бубрезите

Бубрезите имаат улога во филтрирање на крвта иизлачување на крајните отпадни продукти на метаболизмот преку урината, одржување на водно-електролитниот баланс и регулирање на крвниот притисок. Бројни лекови, вклучувајќи лекови за третман на инфекции, висок крвен притисок и болка, можат да имаат нефротоксични ефекти, односно да предизвикаат оштетување на бубрезите. Ова оштетување може да биде привремено или трајно, а во некои случаи може да доведе до сериозни компликации, односно бубрежна инсуфициенција.

Најчести нефротоксични лекови и нивното влијание на бубрезите!

Најчести нефротоксични лекови и нивното влијание на бубрезите!

Многу од секојдневно користените лекови можат да предизвикаат оштетување на бубрезите. Нефротоксичните ефекти може да бидат резултат на директна токсичност на лекот врз клетките во бубрежните тубули или поради нарушување на микроциркулацијата во бубрежните гломерули. Други патофизиолошки механизми вклучуваат имунолошки посредувани реакции, односно опструкција на бубрежните тубули од формирани кристали.

Едни од најпознатите лекови кои може да предизвикаат бубрежно оштетување се антибиотиците и антивирусните лекови. Антибиотици со позната нефротоксичност се гентамицин, ванкомицин и колистин, особено доколку се користат кај лица со веќе оштетена бубрежна функција.  Од антивирусните лекови, нефротоксично може да дејствуваат лековите за третман на херпес вируси и хепатит, и амфотерицин Б, кој се користи кај инфекции предизвикани од габички.

Слично на нив, нестероидните антиинфламаторни лекови (НСАИЛ) – ибупрофен и аспирин, можат да го нарушат проток на крв во бубрезите и да предизвикаат оштетување. Хемотерапевтици како циклофосфамид и метотрексат, можат да предизвикаат трајно оштетување на бубрезите, доколку за време на третманот не се следи редовно бубрежната функција.

Ризици и симптоми: Како да препознаете оштетување на бубрезите предизвикано од лекови?

Ризици и симптоми Како да препознаете оштетување на бубрезите предизвикано од лекови

Ризикот од нефротоксичност е поголем кај пациенти со веќе постоечко оштетување на бубрезите, како и кај оние кои користат лекови во високи дози или за подолг временски период. Други фактори кои можат да го зголемат ризикот се употреба на комбинација од два нефротоксични лекови, присуство на дијабетес, хипертензија и дехидратација.

Бубрежното оштетување се препознава по низа од различни симптоми – намалено мокрење и задршка на течности која се манифестира како потешкотии во дишењето, отоци на екстремитетите и лицето, потоа може да се појави замор, гадење и повраќање и болка во лумбалниот дел на грбот. Можна е и промена на свеста и менталниот статус поради акумулирање на крајните продукти од метаболизмот, кои не можат да се отстранат од телото.

Превенција и алтернативи: Како да се избегне ризикот од нефротоксичност при третман?

Превенција и алтернативи Како да се избегне ризикот од нефротоксичност при третман

Спречувањето на бубрежното оштетување започнува со внимателно следење на бубрежната функција кај пациенти со зголемен ризик, особено оние што земаат лекови со познат нефротоксичен ефект. Ова вклучува редовни лабораториски анализи пред започнување на терапијата, како и континуирано следење за време на нејзиното траење, со цел навремено откривање на евентуални промени во бубрежната функција. Дополнителна превентивна мерка е користењето на помалку токсични алтернативи, кога тоа е возможно. Исто така, пациентите треба да бидат информирани за важноста на соодветен внес на течности, бидејќи дехидратацијата може да ја зголеми токсичноста на одредени лекови.

Заклучок

Нефротоксичните лекови претставуваат значаен ризик за здравјето на бубрезите, особено кај пациенти со постоечки заболувања на уринарниот систем или кај оние што долгорочно земаат високи дози на лекови. Поставување на точна дијагноза иредовно следење на бубрежната функција се клучни за превенција на потенцијалното оштетување на бубрезите. Со примена на соодветни превентивни мерки и избор на побезбедни алтернативни терапии, ризикот од нефротоксичност може значително да се намали, спречувајќи сериозни бубрежни компликации.

Footer-Outline