Коронарна срцева болест претставува еден од најголемите предизвици за глобалното здравје. Со приближно околу 20 милиони смртни случаи годишно, таа е водечка причина за смрт во светот. Се смета дека овој број ќе расте во иднина, особено поради порастот на светската популација. Најголем број од слуачите на срцев удар кои завршуваат со смртен исход се лица со низок социо-економски статус, а уште позагрижувачки е фактот дека 1 од 5 срцеви удари може да поминат со мали, односно без никакви симптоми, што значи дека многу луѓе не се свесни за опасноста по нивното здравје.
Срцев удар, или инфаркт, настанува кога протокот на крв до срцевиот мускул е нарушен, обично поради присутен тромб или масни наслаги во крвните садови на срцето. Ова води до изумирање на срцевите клетки, нарушена функција на срцето, а во најтешки случаи до смрт.
Симптомите на срцев удар може да варираат, но најчесто вклучуваат болка или притисок во градите, која може да се шири кон рамената, вратот, грбот или вилицата. Други чести знаци се отежнато дишење, вртоглавица, анксиозност и гадење.
Жените понекогаш доживуваат поразлични симптоми, како што се стомачни болки, болка во грбот и замор. Неопходно е да се препознаат овие знаци навреме и да се побара медицинска помош, бидејќи брзата реакција може да биде од животна важност.
Главните фактори на ризик за срцев удар се висок крвен притисок, пушење, висок ЛДЛ (лош) холестерол и фамилијарна историја. Исто така, возраста и полот играат улога. Ризикот од срцев удар е поголем кај мажите над 45 и жените над 55 годишна возраст. Пушењето, физичката неактивност, нездравата исхрана и прекумерната употреба на алкохол значително го зголемуваат ризикот. Хронични болести кои не се регулирани и лекувани како дијабет, висок холестерол и висок притисок се скоро секогаш присутни кај лица кои доживеале срцев удар порано во животот. За превенција, важно е да се одржува здрава исхрана, богата со овошје, зеленчук и цели зрна, како и редовна физичка активност. Редовните медицински прегледи за следење на крвниот притисок и холестерол се исто така неопходни.
При срцев удар, паниката е нормален одговор, но останувањето смирен е клучно за правилна реакција. Ако ова ви се случи вам, или на лице во ваше присуство, првиот чекор е да се повика итна помош на бројот 194. Доколку нема никој во ваша близина не возете сами кон болница, и не се обидувајте да го контактирате вашиот матичен лекар, бидејќи вака може да изгубите драгоцено време. Додека чекате помош обидете се да останете смирени, олабавете ја облеката и не јадете и не пијте ништо. Лековите како аспирин (300 mg) или нитроглицерин може да помогне во намалување на оштетувањето на срцето. Во случај лицето да се онесвести,проверете дали има пулс, а ако нема веднаш започнете со срцева масажа (реанимација).
Срцевиот удар претставува сериозна закана за здравјето и животот, поради што е клучно да се препознаат симптомите. Брзата реакција при првите знаци може да спаси живот. Затоа, не чекајте симптомите да исчезнат, туку веднаш побарајте помош. Превентивните мерки, како здрава исхрана, редовна физичка активност, како и регулација на крвниот притисок и нивоата на масти во крвта се многу важни за намалување на ризикот.