Гениталните кондиломи, познати и како генитални брадавици, се една од најчестите полово преносливи инфекции. Тие се предизвикани од хуман папилома вирус (HPV) и претставуваат израстоци на кожата и слузокожата на гениталниот регион. Гениталните кондоломи можат да предизвикаат непријатност и болка, а во некои случаи инфекцијата со хуман папилома вирусот (HPV) може да доведе до сериозни здравствени проблеми, како што е рак на грлото на матката. За среќа, постојат различни методи за третман и превенција на оваа генитална болест.
Гениталните кондиломи се кожни израстоци кои се предизвикани од одредени типови на хуман папилома вирусот (HPV), од кој можат да се заразат и двата пола. HPV се пренесува преку директен контакт со заразената кожа или слузокожа, најчесто при сексуален однос. Важно е да се напомене дека вирусот може да се пренесе дури и кога нема видливи брадавици, што значи дека инфицираното лице може да биде несвесен преносител. Дури 90% од гениталните кондиломи се предизвикани од HPV типови 6 и 11, кои, за разлика од високоризичните типови, ретко доведуваат до рак, но сепак предизвикуваат значителна непријатност и психолошки стрес кај пациентите. Понекогаш симптомите не се јаувваат веднаш по инфекцијата, туку може да поминат месеци или години пред да се појават видливи генитални брадавици.
Гениталните кондиломи имаат различен изглед – може да се појават како мали, тврди или меки израстоци на кожата, а нивната големина и број може да варираат. Тие може предизвикаат болка, чешање, крварење и непријатност при сексусален однос, или пак да не предизвикуваат никакви симптоми.
Ризикот за инфекција со HPV се зголемува со фактори како што се ран почеток со сексуална активност, повеќе сексуални партнери,неупотреба на заштита при сексуални односи и ослабен имунитет. Разбирањето на начинот на пренос и симптомите е клучно за навремено препознавање на состојбата и преземање соодветни мерки за третман и превенција.
Гениталните кондиломи обично се дијагностицираат преку клинички преглед на гениталната регија, од страна на гинеколог или уролог. Ако лекарот има сомнеж дека кондиломите се предизвикани од HPV, може да се направи додатен тест за да се потврди присуството на вирусот.
Кај жените, Пап-тест (Папаниколау тест) е суштински дел од дијагностиката, бидејќи овозможува откривање на промени во клетките на грлото на матката предизвикани од HPV. Ако тестот покаже абнормалности, може да се направат дополнителни тестови, како што е HPV- типизацијата, кој утврдува присуство на специфични типови на вирусот. Иако овој тест не е секогаш потребен за дијагностицирање на кондиломи, тој е корисен за проценка на ризикот од компликации, особено кај високоризичните типови на вирусот.
Лекувањето на генитални кондиломи вклучува медикаментозни креми (имиквимод, подофилотоксин), криотерапија, електрокаутеризација, ласерска терапија и хируршко отстранување. Изборот зависи од тежината и локацијата на брадавиците. Терапија за подобрувње на имунитетот помага кај повторливите случаи. Иако третманите можат да ги елиминираат видливите брадавици, важно е да се напомене дека HPV вирусот може да остане во организмот и после лекувањето, што значи дека има ризик од повторна појава на кондиломите. Затоа редовното следење и гинеколошките контроли се неопходни.
Превенцијата на генитални кондиломи е возможна и тоа во голем степен зависи од избегнување на контакт со вирусот. Најефективниот начин за спречување на HPV инфекцијата е преку вакцинирање. Вакцините против HPV, како што се Gardasil и Cervarix, обезбедуваат заштита од најчестите типови на вирусот кои предизвикуваат генитални брадавици и рак на грлото на матката.
Вакцината е најефективна ако се применува пред сексуалниот почеток, но исто така може да биде корисна и за лица кои веќе се сексуално активни. Покрај вакцината, користењето на заштита при сексуални односи, како што се кондоми, може да го намали ризикот од пренос на HPV. Иако кондомите не обезбедуваат стопроцентна заштита, тие се еден од најдобрите начини за намалување на ризикот од инфекција.
Гениталните кондиломи се сериозна сексуално пренослива болест, која може да има физички, психолошки и социјални последици. Навремена дијагноза и третман се клучни за спречување на нивната прогресија и спречување на понатамошни компликации. Превенцијата, особено преку вакцинација и заштита при сексуален контакт, е најдобрата мерка за намалување на ризикот од инфекција.