
Печурките се важен дел од природниот екосистем и често се користат во исхраната поради нивните хранливи својства и богат вкус. Сепак, некои видови можат да бидат опасни за здравјето на човекот и да предизвикаат сериозни труења. Труењето со печурки е непредвидлива опасност што најчесто настанува како резултат на недоволно знаење, неискуство или грешка при препознавањето на видовите на печурки. Разликување на видовите на печурки е тешко, дури и за многу експерти во областа, особено затоа што многу од неотровните печурки имаат свои двојници со токсични својства.
Труењето со печурки настанува кога се консумираат видови на печурки кои содржат токсични супстанци, кои можат да предизвикаат сериозни здравствени проблеми, па дури и смрт. Токсините кои ги содржатпечурките се различни, а ефектите зависат од типот на отровот, количината на консумирани печурки и времето помеѓу консумирање и појава на симптомите. Варење, пржење, замрзнување или друга преработка на печурките не може да ја смени, односно намали нивната токсичност!
Токсичните супстанци од печурките влијаат на гастроинтестиналниот систем, нервниот систем и црниот дроб. Ако симптомите на гастроинтестинална токсичност се појават во првите два часа по јадење печурки, тие обично се бенигни и поминуваат полесно. Но, ако се јават по повеќе од 5 часа, може да укажува на сериозно оштетување на црниот дроб или бубрезите.
Најопасните видови печурки се често тешки запрепознавање, бидејќи изгледаат слично на печурките кои се безбедни за јадење. Еден од најпознатите и најопасни видови е Amanita phalloides. Оваа печурка содржи аманити и фалоидни токсини кои можат да доведат до акутно оштетување на црниот дроб и бубрезите, а во најтешките случаи и до смрт. Друг опасен вид е Amanita muscaria, познатакако „црвена мухарка“, која содржи токсини што можат да предизвикаат делириум и халуцинации. Печурките од родот Gyromitra се исто така познати по нивните токсични дејства.
Времето на појавување на симптомите зависи одвидот на токсините и може да варира од неколку часадо неколку дена. Во почетокот симптомите обичновклучуваат болка во стомакот, гадење, повраќање и дијареа, што се слични на симптомите нагастроинтестинални инфекции. Дехидратација, со пад на крвниот притисок е исто така честа појава. Оваа фаза може да помине по неколку часа, по штопациентот може привремено да се чувствува подобро.
По оваа навдум “мирна фаза“, започнуваат симптомите предизвикани од хепатална инсуфициенција, односно оштетување на црниот дроб. Може да се појави жолтица, како и промена на свеста поради покачените нивоа на амонијак во организмот. Понекогаш доаѓа и до нарушување на функцијата на бубрезите поради директното нефротоксично дејство на токсинот, или пак во склоп на т.н. хепато-ренален синдром.
Првиот чекор во случај на труење со печурки е веднаш да се побара итна медицинска помош. Навремената интервенција е клучна за намалување на ризикот од сериозни последици. Доколку е возможно, корисно е да се обезбеди информација за видот на изедената печурка, бидејќи тоа може да помогне во одредување на соодветниот терапевтски пристап. Почетниот третман најчесто е симптоматски и вклучува корекција на дехидратацијата, одржување на крвниот притисок и следење на виталните параметри.
Корисна е примената на силимарин – активно соединение од плодот на млечен трн, кој спречува врзување на токсините од печурките за клетките на црниот дроб. Исто така, во третманот може да се употребуваат повторувачки дози на активен јаглен и антибиотик – пеницилин.
Труење со печурки претставува сериозна и непредвидлива опасност, која произлегува од неможоста да се разликуваат отровните видови од оние кои се безбедни за консумација. Симптомите може да бидат тешки и да укажуваат на истовремено оштетување на повеќе органи, особено на црниот дроб и бубрезите. Најдобра превенција е да се консумираат само сигурно идентификувани видови печурки, и да се избегнува берење на диви печурки без соодветно знаење и распознавање на видовите. Доколку се сомневате труење, рана медицинска интервенција и третман се неопходни за спречување на тешки последици по здравјето.