Адисонова болест: недостаток на хормони и неговото влијание врз животот!

Адисонова болест недостаток на хормони и неговото влијание врз животот!

Адисонова болест е хронично ендокринолошко заболување, кое се јавува кога надбубрежните жлезди не произведуваат доволно хормони, што резултира со недостаток на алдостерон и кортизол. Овие хормони учествуваат во бројни физиолошки процеси, во регулацијата на водно-електролитниот баланс и крвниот притисок, имунолошките одговори и метаболизмот. Недостатокот на овие хормони предизвикува сериозни симптоми, а доколку не се дијагностицира и лекува навреме, Адисоновата болест може да доведе до сериозни последици.

Што е Адисонова болест и што ја причинува?

Адисоновата болест се карактеризира со недостаток на хормоните што ги произведува надбубрежната жлезда – кортизол, алдостерон и андрогени хормони. Кортизол е неопходен за нормален одговор на телото на стрес, за контрола на воспалителните процеси и за регулирање на метаболизмот. Алдостерон има улога во одржување на балансот на сол и вода во организмот, што директно влијае на крвниот притисок.

Што е Адисонова болест и што ја причинува

Причините кои водат до Адисонова болест најчесто се поврзани со автоимуна реакција, кога имунолошкиот систем го напаѓа и уништува ткивото на надбубрежните жлезди. Ова е најчеста форма на болеста и се јавува кај околу 70% од случаите. Инфекции како туберкулоза, одредени генетски нарушувања, тумори или крварење исто така можат да доведат до оштетување на надбубрежните жлезди.

Симптоми и дијагноза – Како да ја препознаете Адисоновата болест?

Симптомите на Адисонова болест се развиваат бавно и понекогаш се нејасни, што го прави поставувањето на правилна дијагноза предизвик. Пациентите се чувствуваат уморно и исцрпено, што се должи на недостаток на кортизол. Губење на телесна тежина е исто така вообичаен симптом. Потемнување на кожата, познато како хиперпигментација или меланодермија, се случува како резултат на зголемени нивоа на адренокортикотропен хормон (ACTH), кој се обидува да ја стимулира продукцијата на хормони од надбубрежните жлезди.

Симптоми и дијагноза Како да ја препознаете Адисоновата болест

Пациентите со Адисонова болест често имаат проблеми со низок крвен притисок, што може да предизвика вртоглавица, особено при промена на позицијата, како што е станување од седечка или лежечка положба. Покрај тоа, се јавуваат и дигестивни проблеми, како гадење, повраќање и дијареа, потоа импотенција и губење на менструацијата кај жените. Најсериозна акутна компликација на болеста претставува адренална криза која може да биде испровоцирана од инфекција, траума или хируршки интервенции.

Дијагнозата на Адисонова болест обично се поставува со помош на различни лабораториски тестови. Еден од тестовите со кои се докажува оваа болест е ACTH стимулирачки тест, кој го мери одговорот на надбубрежните жлезди на синтетички ACTH, хормон што го стимулира производството на кортизол. Кај Адисонова болест, нивото на кортизол не се зголемува со администрација на ACTH, што е индикатор за болеста. Дополнително, следење на нивото на електролити во крвта, како натриум и калиум, помага да се утврди дали има нарушувања на електролитниот баланс, што  може да има сериозни последици по здравјето.

Живот со Адисонова болест: начини на третман и контрола!

Живот со Адисонова болест начини на третман и контрола!

Адисоновата болест бара доживотен третман, бидејќи надбубрежните жлезди не произведуваат доволно кортизол. Пациентите мора да земаат синтетички хидрокортизон или други кортикостероиди за да се одржи хормоналната рамнотежа и да се стабилизираат телесните функции. Во некои случаи, пациентите мора да примаат и алдостерон, во вид на флудрокоризон, за корекција на електролитите и крвниот притисок. При стресни ситуации или болести, дозата на хормоните често треба да се зголеми за да се спречат компликации. Правилна едукација на пациентите за нивната болест, здрава исхрана и управување со стресот можат да помогнат во контрола на болеста.

Заклучок

Адисоновата болест има големо влијание на квалитетот на животот на пациентите, но со навремена дијагноза и соодветен третман може да се постигне контрола на симптомите. Третманот се базира на кортикостероите кои недостасуваат, со цел да се регулираат симптомите и да се избегнат акутни животозагрозувачки компликации. Исто така, важни се редовни ендокринолошки контроли и прилагодување на терапевтските дози во зависност од потребите на организмот.

Footer-Outline