
Синузит претставува воспаление на синусите – пневматски простори во коските на лицето и черепот, кои преку свој отвор се поврзани со носот. Според локализацијата разликуваме максиларни (над горната вилица), фронтални (челни), етмоидални (на коренот на носот) и сфеноидални (лоцирани во средина на главата). Синузитот може да се јави во акутна или пак во хронична форма, во зависност од траењето на симптомите, и честопати претставува значаен здравствен проблем, особено кога се занемарува или не се лекува правилно.
Разликата помеѓу акутниот и хроничниот синузит е во нивното времетраење. Акутниот синузит обично трае кратко, околу една до четири недели, и најчесто се јавува по инфекција на горните дишни патишта како што се обичната настинка или грип.
Хроничниот синузит, пак, трае подолго, најчесто повеќе од три месеци. Дијагнозата на синузит се поставува преку преглед од страна на лекар, како и преку рентгенски снимки или компјутеризирана томографија (КT), кои помагаат во утврдување на степенот на воспалението и евентуалните промени во синусите.
Симптомите на синузит се специфични и се должат на воспалителниот процес – затнатост на носот, болка при притискање на лицето или наведнување на главата, секреција од носот, чувство на слевање на секрет низ грлото, намален осет за мирис итн. Понекогаш тие може да бидат придружени со покачена телесна температура, замор, малаксаност, главоболка, болка во забите или ушите и кашлица. Иако акутниот и хроничниот синузит се манифестираат со слични симптоми, кај акутниот болката може да биде поизразена.
Кај акутниот синузит причинителот скоро секогаш е вирусен, а потоа може да настане секундарна бактериска инфекција со стрептокок, стафилокок, Haemophilus influenzaе или некој друг причинител. Кај имунокомпромитираните лица синузитот може да биде предизвикан од габична инфекција, како аспергилус или кандида.
Хроничниот синузит најчесто е резултат на хронични алергии, структурни аномалии, изложеност на иританти од средината (загадување на воздухот, чад од цигари), мукозно-цилиарна дисфункција и други фактори, кои взаемно дејствуваат со инфективните микроорганизми за да предизвикаат хроничен синузит. Инфективните организмите најчесто се бактериски, но може да бидат и габични. Многу бактерии се поврзуваат со оваа состојба, вклучувајќи грам-негативни бацили и анаеробни микроорганизми, но и полимикробна инфекција е вообичаено честа. Во некои случаи, хроничниот максиларен синузит се јавува по инфекција на заб.
Третманот на синузитот зависи од неговата форма. За акутен синузит, кој најчесто е предизвикан од вируси, се препорачуваат нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ), за да се намали болката и воспалението, деконгестанти за ублажување на чувството на затнатост на носот, инхалации со кортикостероиди за олеснување на дишните патишта, како и антибиотици доколку синузитот е предизвикан од бактерии.
За хроничниот синузит, третманот може да вклучува долготрајна употреба на кортикостероиди за намалување на воспалението и антибиотици по потреба. Хируршка интервенција може дабиде неопходна за некои случаи на хроничен синузит, особено кога постојат структурни аномалии во носот или синусите.
Природните решенија вклучуваат топли чаеви од камилица или ѓумбир и испирање на носот с осолена вода за чистење на носните патишта.
Синузитот може да биде акутен или хроничен, а разликите меѓу овие две форми се во времетраењето на симптомите и природата на воспалението. Дијагнозата на синузитот бара внимателна проценка на симптомите и можноста за користење различни методи на лекување. За акутниот синузит, третманот се фокусира на ублажување на воспалението и лекување на инфекцијата, додека хроничниот синузит бара подолгорочна терапија и понекогаш хируршка интервенција.