Астма: Како да управувате со симптомите и да го подобрите квалитетот на живот!

Астма-Како-да-управувате-со-симптомите-и-да-го-подобрите-квалитетот-на-живот

Астма е едно од најчестите хронични заболувања во светот, афектирајќи околу 300 милиони индивидуи. Во последните години се почесто се среќава кај помладата популација, а тоа го потврдува и фактот дека една третина од заболените се на возраст под 18 години.

За многу луѓе симптомите на астма, како што се кашлицата, свирењето во градите и потешкотиите во дишењето значително  го нарушуваат квалитетот на живот. Меѓутоа, со правилно управување и третман, пациентите можат да имаат подобра контрола над симптомите.

Што е астма?

Астма е хроничнo заболување, кое се карактеризира со воспаление и стеснување на бронхите, или дишните патишта, а тоа резултира со тешкотии при дишењето. Дишните патишта кај лицата со астма стануваат пречувствителни и во одредени моменти реагираат на одредени супстанци наречени алергени што предизвикуваат појава на астматичен напад. Опструкцијата на дишните патишта кај астмата е реверзибилна и симптомите најчесто се јавуваат периодично во вид на напади.

Кои се симптомите на астма?

Кои се симптомите на астма

Астма е болест со карактеристични симптоми, кои варираат од човек до човек, но главно вклучуваат потешкотии во дишењето, чувство на недостиг на воздух и стегање во градите. Симптомите најчесто се јавуваат по експозиција на алергени или загадувачи во воздухот. Свирење во градите, познато како визинг е типичен симптом на астма.

Исто така може да се јави сува кашлица, особено ноќе или во раните утрински часови, а поретко може да е придружена со искашлување на густ и леплив секрет. Астмата има епизоден карактер, односно периоди на влошување на симптомите и мирни периоди.

Кои фактори предизвикуваат астма?

Кои фактори предизвикуваат астма

Многу различни фактори, познати како тригери ја активираат астмата. Главни тригери се алергените, како прашина, полен,  животински влакна, мувла. Загадувачите на воздухот, вклучувајќи издувни гасови, дим од цигари и хемикалии, исто така го зголемуваат ризикот од астматични напади. Кај некои лица симптомите може да бидат влошени од промена на временските услови, присуство на ладен воздух или висока влажност, потоа од напорна физичка активност или емоционален стрес.

Респираторните инфекции, како настинки и грип може да ги активираат симптомите и да ја влошат состојбата. Зголемен ризик од развој на астма рано во животот имаат деца кои се изложени на загадувачи во воздухот и живеат со лица кои пушат, и кога има историја на астма и други алергиски болести (атопија) во семејството.

Методи за третман на астма и управување со симптомите!

Методи за третман на астма и управување со симптомите!

Основна цел при лекување на астмата е постигнување и одржување на што подобра контрола на болеста, со минимална терапија и што помалку несакани ефекти од неа. Идентификување на тригер факторите е клучно за избегнување на ситуации кои можат да ја влошат состојбата. Постојат два типа на лекови кои се препишуваат при астма. Едните служат за контрола на астмата (контролери) и се земаат секојдневно.

За разлика од нив, другите служат за брзо олеснување на симптомите (реливери) и се земаат при астматичен напад. Редовни посети кај лекар за проверка на состојбата и прилагодување на терапијата се важни за одржување на добра контрола на болеста.

Заклучок

Астмата е хронична воспалителна болест која влијае на квалитетот на животот, но со соодветен третман, симптомите можат да се контролираат.Познавањето на тригерите и редовните посети кај лекар се важни за успешно лекување. Секој пациент е уникатен, па индивидуалниот пристап во третманот носи подобри резултати. Со добра контрола на симптомите и едукација за својата состојба, лицата со астма можат да водат активен и исполнет живот.

Footer-Outline