Високостепена миопија претставува висок степен на кратковидост, кој ако не се третира соодветно и навреме може да предизвика сериозни здравствени проблеми. Миопијата или кратковидноста е чест офталмолошки проблем, кој може да се коригира со носење наочари или контактни леќи. За разлика од оваа состојба, високостепената миопија е многу посложено заболување.
Лицата со високостепена миопија се изложени на поголем ризик од оштетување на ретината, развој на глауком, катаракта и други сериозни заболувања на очите. Затоа, разбирање на комплексноста на оваа состојба и рана дијагноза се клучни за заштита на здравјето на очите и превенција на потенцијално трајно оштетување на видот.
Високостепена миопија е форма на кратковидост каде што рефракцијата на светлината е толку силна што фокусот на светлината се наоѓа пред ретината, наместо на неа. Тоа предизвикува видот на далеку да биде многу замаглен. Најчесто станува збор за многу голема јачина на рефракција, од повеќе од -6 диоптри, што значително влијае на квалитетот на видот. Ова се разликува од обичната кратковидост, каде што диоптријата е до -3 или -4 диоптри, која може да биде лесно исправена со наочари или контактни леќи. Во случај на високостепена миопија, проблемот е многу посериозен и често не може да се коригира со стандардни оптички помагала, што ја прави состојбата многу потешка за управување.
Лицата со високостепена миопија се изложени на зголемен ризик од сериозни офталмолошки компликации. Една од најопасните компликации е аблација, односно одлепување на ретината. Аблација на ретина е состојба при која мрежницата (ретината) се одделува од задниот дел на окото, што може да предизвика губење на видот. Кај лица со високостепена миопија, ризикот за оваа состојба е зголемен поради издолжената форма на окото, што создава дополнителен притисок и слабеење на ретината. Оваа состојба бара итна медицинска интервенција за да се спречи трајно губење на видот.
Покрај тоа, високостепената миопија може да доведе до развој на глауком, болест која се карактеризира со зголемен очен притисок и која предизвикува оштетување на оптичкиот нерв, водејќи до постепен губиток на видот.
Други компликации вклучуваат катаракта (заматување на леќата), макуларна дегенерација, промени на склерата и хороретиналните структури итн. Сето ова ги прави лицата со високостепена миопија подложни на сериозни компликации, и затоа неопходни се редовни офталмолошки контроли.
Третманот на високостепена миопија вклучува различни пристапи за корекција на видот и превенција на компликации. Најчесто, високостепената миопија не може целосно да се коригира со стандардни наочари или контактни леќи, па затоа многу пациенти се одлучуваат за хируршка интервенција.
Една од најчестите хируршки опции е ласерската корекција на видот, како што е LASIK, која може да помогне во подобрување на видот и намалување на потребата од носење очила или леќи. Сепак, оваа метода не е секогаш погодна за сите пациенти, особено за оние со многу висок степен на миопија. Во овие случаи, имплантација на леќи може да биде подобро решение. При овие процедури може природната леќа целосно да се замени со вештачка (RLE процедура), или пак да се импланитраат специјални леќи за корекција на миопијата, без да се отстрани природната леќа (ICL процедура).
Високостепена миопија е сериозна состојба која бара внимателен медицински надзор и редовни контроли. Лицата со оваа состојба се изложени на многу поголеми ризици од сериозни компликации, како аблација на ретина, глауком, катаракта и макуларна дегенерација. За среќа, постојат различни методи за третман, вклучувајќи хируршки интервенции, кои можат да помогнат во контрола на овие компликации и да го подобрат видот. За да се избегнат сериозни компликации поврзани со високостепената миопија неопходни се редовни офталмолошки прегледи и мониторирање на очниот притисок.