Естетски или здравствен проблем: Девијација на носниот септум и нејзините последици!

Естетски или здравствен проблем Девијација на носниот септум и нејзините последици!

За девијација на носен септум станува збор кога коските и ‘рскавиците кои ја делат носната празнина на половина се поместени кон една страна, создавајќи две различни по големина носни шуплини. Овој проблем е многу честа појава, а може да биде резултат на генетски фактори, повреди или аномалии при растот и развојот на коските на лицето. Иако некои лица со оваа состојба немаат значителни симптоми, кај многумина таа може да предизвика проблеми со дишењето, хронични инфекции, главоболки, а понекогаш и естетско незадоволство.

Што е девијација на носниот септум и како влијае на здравјето?

Девијација на носниот септум претставува анатомска неправилност при која носниот септумтенка структура составена одрскавица и коска која го дели носот на две шуплини – е искривен или дислоциран од средишната линија. Девијација на септумот може да настане како резултат на различни фактори, вклучувајќи вродени аномалии, трауми и неправилен раст на коскено-‘рскавичната структура на носот. Понекогаш, девијацијата настанува постепено поради нерамномерен раст на коските и ‘рскавицата, што води до искривување на септумот.  Сепак, многу почесто е резултат на физички повреди, особено при спортски активности, падови или удари во пределот на лицето.

Што е девијација на носниот септум и како влијае на здравјето

Девијација на носниот септум може да предизвика тешкотии при дишење, чувство на затнатост на носот, намалено чувство за мирис и повторливи инфекции на синусите. Лицата со оваа состојба често страдаат од замор, главоболки и проблеми со спиењето, вклучително и хрчење или опструктивна ноќна апнеја.

Симптоми и дијагноза: Како да препознаете кога е потребен третман?

Симптоми и дијагноза Како да препознаете кога е потребен третман

Најчести симптоми на девијација на септумот се потешкотии во дишењето и често чувство на затнатост на една или двете ноздри, како и чувство на префрлање на опструкцијата од една на друга ноздра. Намален осет за мирис, често крварење од носот, сувост во устата, заради дишење на уста, се исто така чести пропратни симптоми.

Чести повторувачки инфекции на синусите, пропратени со главоболки, малаксаност, покачена температура, или пак појавата на ноќно хрчење, апнеа при спиење, нарушен сон и хроничен замор се алармантни знаци за можно постоење на девијација на носниот септум. Ако овие симптоми и знаци се чести, треба да се консултирате со вашиот лекар или со оториноларинголог (специјалист за уво, нос и грло), кој ќе постави конечна дијагноза преку клинички преглед и дополнителни испитувања, како риноскопија или ендоскопија.

Третман и корекција: Кога е потребна хируршка интервенција?

Лесните случаи на девијација може да се третираат со конзервативни методи, како што се назални спрејови со кортикостероиди, солени раствори за испирање на носот и лекови против алергии. Сепак, кога девијацијата е сериозна и предизвикува хронични проблеми при дишењето или повторувачки инфекции, најдобра опција е хируршка интервенција – ринопластика или септопластика.

Третман и корекција Кога е потребна хируршка интервенција

Септопластика е операција при која се коригира искривеноста на септумот и се подобрува протокот на воздух низ носот, без да влијае значително на надворешниот изглед на носот. Доколку пациентот сака и естетски подобрувања, може да се комбинира со ринопластика. Постоперативниот период обично трае неколку недели, а подобрувањата во дишењето се забележуваат веднаш штом се намали отокот.

Заклучок

Девијација на носниот септум може да предизвика сериозни здравствени проблеми, како што се потешкотии при дишењето и чести инфекции. Лесните случаи може да се третираат со конзервативни методи, но при потешки и хронични симптоми потребна е хируршка интервенција, како септопластика, која може да се комбинира со ринопластика со цел да се постигнат функционални подобрувања, елиминирање на симптомите, но и подобар естетски изглед на носот. Правилна дијагноза и третман на девијацијата се исклучително важни за подобрување на квалитетот на животот на овие пациенти.

Footer-Outline