
Инфективна мононуклеоза, позната и како “болест на бакнување“, е вирусна инфекција која најчесто се пренесува преку плунка, но и преку други телесни течности. Оваа болест обично се јавува кај млади луѓе, особено тинејџери, меѓутоа може да ја добијат и постари. Причинител на инфективна мононуклеоза е Epstein-Barr вирусот (EBV), кој може да предизвика широк спектар на симптоми, вклучувајќи покачена температура, оток на лимфни јазли и замор. Оваа инфекција е обично лесна и самоограничувачка, но во некои случаи може да доведе до посериозни компликации.
Инфективна мононуклеоза претставува акутна вирусна инфекција, која се карактеризира со воспаление на грлото, зголемување на лимфните јазли и хепатомегалија – зголемување на црниот дроб. Главниот причинител е вирусот Epstein-Barr (EBV) вирусот, кој припаѓа на групата на херпес вируси. EBV се пренесува преку контакт со телесни течности, најчесто преку плунка, па затоа и оваа болест често се нарекува “болест на бакнување”. Меѓутоа, вирусот може да се пренесе и преку крв, сперма, како и преку користење заеднички предмети, како прибор за јадење или четка за заби. Контакт со инфицирани лица или со површини кои биле во контакт со телесни течности на заболените, може да доведедат до пренос на вирусот. Инфекција со Epstein-Barr вирусот (EBV) се поврзува со зголемен ризик од појава на одредени болести, вклучувајќи лимфоми, некои видови на рак, како и автоимуни болести.
Инфективна мононуклеоза започнува со симптоми кои се слични на оние на настинка или грип. Симптомите обично се појавуваат во рок од 4 до 6 недели по изложеност на вирусот, иако кај помлади лица периодот на инкубација може да биде и пократок.
Првите знаци се неспецифични и вклучуваат висока температура, болки во грлото, оток на лимфните јазли во предел на вратот и пазувите, малаксаност и замор. Понекогаш се јавува и зголемување на слезината и црниот дроб (хепатоспленомегалија). Болеста може да трае 2 до 4 недели, а понекгаш и подолго. За потврда на дијагнозата се прават лабораториски тестови, како што е тест за антитела, со кој се открива присуството на EBV во организмот. Дополнително, анализа на крвта може да покаже присуство на атипични лимфоцити, кои се карактеристични за оваа инфекција.
Не постои специфичен лек за инфективна мононуклеоза, па затоа третманот се фокусира на ублажување на симптомите. Препораките вклучуваат одмор и избегнување на физичка активност и спорт, со цел да се спречи влошување на состојбата и да се намали ризикот од руптура на слезината, доколку таа е зголемена. За ублажување на болката во грлото и температурата, се препорачуваат нестероидни антиинфламаторни лекови, како што е ибупрофен или парацетамол. Доволен внес на течности и правилна исхрана се важни за зајакнување на имуниот систем и полесно надминување на болеста.
Важен дел од третманот е и следење на функцијата на црниот дроб и слезината. Препорачливо е пациентите да избегнуваат консумирање на алкохол и други токсични супстанции, кои може да го влошат здравјето на овие органи.
Инфективна мононуклеоза е вирусна инфекција која, иако најчесто има лесен тек, може да предизвика значителен замор и дискомфорт кај заболените. Бидејќи се пренесува преку телесни течности, особено плунка, важно е да се внимава на личната хигиена и да се избегнува близок контакт со заразени лица. Иако не постои специфичен лек, одмор, хидратација и симптоматска терапија помагаат во побрзо закрепнување. Навремено препознавање на симптомите, лабораториско тестирање и мерки на претпазливост, може да се намали ризикот од компликации и ширење на болеста.