
Остеоартрит е едно од најчестите заболување на зголобовите, кое засега дури 25% од светската популација. Се смета дека неговата зачестеност ќе продолжи да расте во иднина поради стареење на светската популација и зголемување на бројот на лица со прекумерна телесна тежина. Најпрепознатливи симптоми се болка и вкочанетост на зглобовите. Остеоартритот е прогресивно хронично заболување и претставува водечка причина за намалена физичка активност и инвалидитет кај возрасните.
Остеоартрит е хронично заболување, кое ги зафаќа зголобовите и се карактеризира со постепено распаѓање, односно дегенерација на зглобната ‘рскавицата. Истовремено може да настане неправилно создавање на ново коскено ткиво во вид на остеофити- шилци. Остеоартритот најчесто ги зафаќа зглобовите на рацете, колената, колковите, стапалата и ‘рбетот. Се јавува постепено и почесто кај повозрасната популација, но не е ограничена само на старите лица.
Постојат повеќе фактори кои можат да доведат до појава на остеоартрит. Еден од главните фактори е стареењето – со текот на годините, ‘рскавицата природно се троши и се намалува способноста на телото да ја обновува. Прекумерната телесна тежина создава дополнителен притисок врз зглобовите, особено колената и колковите, со што се забрзува процесот на оштетување.
Претходни повреди на зглобовите, вродени аномалии, или одредени спортски активности и професии кои екстремно ги оптоваруваат зглобовите го забрзуваат процесот на уништување на зглобната ‘рскавица и може да доведат до појава на остеоартрит.
Најчест симптом е болка во зафатениот зглоб, која се јавува при движење или после подолг физички напор. Болката секогаш се влошува при зголемена активност на зглобовите или навечер. Со напредување на болеста, болката може да се појави и при мирување. Останати чести симптоми се намален опсег на движење на зглобот, крцкање или пукање при движење, како и формирање на израстоци – остеофити околу афектираниот зглоб.
Остеоартритот е болест која со текот на времето напредува и се влошува, меѓутоа со примена на одредени методи, симптомите може да се ублажат. Целта на третманот е намалување на болката и подобрување на мобилноста. Најважно од се’ е дијагнозата да се постави рано и да се подготви индивидуален план за третман. На овој начин може да се забави напредокот на болеста.
Еден од основните чекори за менаџирање со остеоартритот е промената на животниот стил – одржување здрава телесна тежина и редовна физичка активност може значително да го намали притисокот врз зглобовите. Физикална терапија е корисна за зајакнување на мускулите околу зглобовите и подобрување на нивната мобилност. Дополнително, се препорачува употреба на суплементи како колаген, витамин Д и хијалуронска киселина, кои придонесуваат за подобрување на структурата и функцијата на зглобовите.
За третман на болката и воспалението најчесто користени лекови се аналгетици и нестероидни антиинфламаторни средства (НСАИЛ). Доколку остеоартритот е во својата крајна дегенеративна фаза се препорачува оперативен третман, при кој оштетениот зглоб се заменува со вештачки зглоб. По операцијата, исто така се препорачува физикална терапија и рехабилитација со цел пациентите што побрзо и побезболно да се вратат на своите секојдневни активност.
Остеоартрит е хронично и прогресивно заболување кое значително го намалува квалитетот на животот. Најчестите симптоми како болка, вкочанетост и намалена подвижност постепено се влошуваат, ако не се третираат навреме. Со рана дијагноза, соодветен третман и промени во животниот стил, симптомите може да се ублажат, а болеста да се стави под контрола. Индивидуален пристап во третманот и редовни лекарски прегледи се неопходни за одржување на подвижноста и активноста на пациентите.