Tромбоцитопенија- дали ниското ниво на тромбоцити е алармантно?

Tромбоцитопенија дали ниското ниво на тромбоцити е алармантно

Тромбоцитопенија е состојба која се карактеризира со намален број на тромбоцити во крвта, што може да влијае на способноста за згрутчување на крвта и запирање на крварењe. Нискиот број на тромбоцити во крвта може да претставува привремена или хронична состојба, зависно од причините за нејзино појавување и бара внимателно следење за да се избегнат компликации. Причините за појава на тромбоцитопенија се разновидни – од инфекции и автоимуни заболувања до сериозни нарушувања на коскената срцевина. Иако често поминува незабележано, нејзиното навремено откривање е клучно за правилен третман и спречување на потенцијални здравствени компликации.

Што е тромбоцитопенија и причини кои водат до неа?

Што е тромбоцитопенија и причини кои водат до неа

Тромбоцитите се вид на крвни клетки, кои играат клучна улога во процесот на коагулација, односно згрутчување на крвта. Кога нивниот број ќе падне под 150.000 во микролитар крв, станува збор за тромбоцитопенија. Во зависност од бројот на тромбоцити, оваа состојба може да биде блага, умерена или тешка, а во некои случаи може да биде и животозагрозувачка.

Причините кои водат до тромбоцитопенија можат да бидат различни. Една од најчестите причини е намаленото производство на тромбоцити, кое може да биде последица на заболувања на коскената срцевина, како што се леукемија, апластична анемија или миелодиспластичен синдром. Покрај тоа, инфекции со вируси како ХИВ, хепатитис Ц и Epstein-Barr (EBV) вирусот можат да го нарушат производството на тромбоцити.

Друга причина може да биде зголемено трошење и уништување на тромбоцитите. Ова може да биде случај при автоимуни заболувања, како што е имунолошка тромбоцитопенична пурпура (ИТП), каде што имуниот систем ги напаѓа и уништува сопствените тромбоцити. Примена на лекови, меѓу кои одредени антикоагуланси, антибиотици или хемотерапевтски средства, исто така можат да предизвикаат намален број на тромбоцити.

Специфична клиничка слика: Како да ја препознаете тромбоцитопенијата?

Клиничката слика на тромбоцитопенија зависи од степенот на намалување на тромбоцитите. Кај благи форми, честопати нема видливи симптоми и состојбата се открива случајно при рутинска крвна анализа. Меѓутоа, кога нивото на тромбоцити е значително намалено, се јавуваат симптоми кои упатуваат на проблеми со коагулација на крвта.

Специфична клиничка слика Како да ја препознаете тромбоцитопенијата

Еден од првите знаци на тромбоцитопенија е појава на модринки по телото без очигледна причина, како и крварења од носот или непцата. Покрај тоа, може да се појават ситни црвени или виолетови точки на кожата, познати како петехии, кои настануваат како резултат на мали поткожни крварења. Во потешки случаи, може да се јават пролонгирани менструални крвавења, крвава урина или столица, па дури и внатрешни крварења кои можат да бидат животозагрозувачки. Кај пациенти со хронична или тешка тромбоцитопенија, замор и слабост можат да бидат дополнителни симптоми, особено ако состојбата е поврзана со заболувања на коскената срцевина или други автоимуни нарушувања.

Третман и контрола на тромбоцитопенијата!

Терапијата за тромбоцитопенија зависи од нејзината причина и тежината на симптомите. Кај благи форми, каде што нема значајни симптоми, често е доволно само редовно следење на крвната слика без потреба од активен третман. Кај автоимуни форми, се користат кортикостероиди или имуномодулаторни лекови за да се намали имунолошката реакција која доведува до уништување на тромбоцитите.

Третман и контрола на тромбоцитопенијата!

Кај тешки случаи на тромбоцитопенија, каде што постои висок ризик од крварење, може да биде неопходна трансфузија на тромбоцитна маса. Покрај медицинскиот третман, пациентите со тромбоцитопенија треба да бидат внимателни за да го намалат ризикот од повреди и крварења. Препорачливо е да избегнуваат контактни спортови, да не користат лекови кои го разредуваат крвта како што се аспирин и нестероидни антиинфламаторни лекови,  да се хранат здраво и балансирано со доволен внес на витамини и антиоксиданси.

Заклучок

Тромбоцитопенија е состојба која може да варира во својата клиничка манифестација. Причините за нејзиното појавување се различни, вклучувајќи инфекции, автоимуни нарушувања, болести на коскената срцевина и одредени лекови. Симптомите зависат од степенот на намалување на бројот на тромбоцитите, а навременото препознавање е клучно за отпочнување на соодветен третман. Доколку се појават знаци како што се честа појава на модринки, крварења или замор, потребно е да се побара лекарска помош за правилна дијагноза и третман.

Footer-Outline