
Туларемија претставува бактериска инфекција, предизвикана од бактеријата Francisella tularensi, што примарно ги погодува животните, но може да биде и опасна за луѓето. Оваа болест, уште позната и како “зајачка треска“, најчесто е распространета во Северна Америка, Европа и Азија. Туларемија претставува потенцијална закана по здравјето, особено во руралните средини, каде што можноста за директен контакт со заразени животни е голема. Затоа, запознавање со специфичниот начин на пренос, симптомите и можностите за превенција е клучно за намалување на ризикот од инфекција со оваа бактерија.
Туларемија е инфекција што се пренесува од животни на луѓе. Таа примарно претставува болест на животни, како зајаци, глодари, верверици, дабари, стаорци. На луѓе може да се пренесе преку директен или индиректен контакт со овие животни, или пак преку вектори, како што се крлежи, вошки или загадена вода.
Вдишување на контаминирани аеросоли претставува уште еден можен начин на пренос, па затоа најчесто од туларемија заболуваат ловци, земјоделци, месари, ветринари и други лица кои престојуваат во природа. Консумирање на недоволно термички обработено месо или контаминирана вода може индиректно да доведе до инфекција. Бактеријата може да преживее неколку месеци во кал, вода и мртви животни, а над 3 години во смрзнато месо. Значајно е да се напомене дека не постои пренос од човек на човек.
Симптомите на туларемија варираат во зависност одначинот на зараза, но генерално се појавуваат во рокод 3 до 5 дена, а понекогаш и до 14 дена по изложеност. Болеста најчесто почнува нагло, а симптомите вклучуваат висока температура, треска, потење, главоболка и замор. Според начинот на манифестација на инфекцијата се разликуваат неколку облици. Кај улцерогландуларната форма на местото на навлегување на причинителот се развива улцер, а околните лимфни јазли стануваат болни и отечени.
При инфекција со бакетријата преку инхалација на аеросоли, може да се развие белодробен облик, кој се манифестира со проблеми со дишењето и развој на атипична пневмонија. Гадење, повраќање и дијареа при гастроинтестинална форма, која може да се искомплицира со создавање на улцерации и перфорација на цревата. Туларемија може да биде исклучително опасна ако не се третира на време, особено доколку се развие белодробна или септичка форма.
Превенцијата на туларемија е од големо значење, бидејќи бактеријата е присутна во многу природни средини. За да се намали ризикот од инфекција, неопходно е избегнување на контакт со диви животни и користење на заштитна опрема при работа во рурални или шумски подрачја. Употребата на репеленти за инсекти е важна за заштита од убоди од крлежи и инсекти, кои може да ја пренесуваат болеста. Консумирање на чиста и безбедно обработена вода и храна значително го намалува ризикот од инфекција.
Доколку се појават симптоми, неопходно е веднаш да се побара лекарска помош. Туларемија обично се лекува со антибиотици како што се стрептомицин, гентамицин, доксициклин или ципрофлоксацин. Раното откривање и соодветниот третман значително ја намалува сериозноста на болеста.
Иако ретка, туларемија претставува сериозна инфекција, која може да има тешки последици ако не се третира навреме. Познавање на начинот на пренос, симптомите и мерките за превенција значајно помагаат за намалување на ризикот од инфекција. Со соодветни заштитни мерки и навремена дијагноза, туларемијата може успешно да се контролира и лекува.