
Хуман метапнеумовирус (hMPV) е респираторен вирус кој предизвикува инфекции кај луѓе, најчесто во зимските и пролетните месеци. Овој вирус, иако познат веќе со децении, сè уште претставува значителен здравствен предизвик, особено за ранливите групи. Најчесто циркулира во зимските и пролетните месеци, предизвикувајќи симптоми кои можат да варираат од блага настинка до сериозни респираторни инфекции. Со оглед на неговото потенцијално влијание врз јавното здравје, важно е да разбереме како се пренесува, кои се најзагрозените категории и како можеме да се заштитиме од оваа инфекција.
Хуман метапнеумовирус (hMPV) спаѓа во семејството Pneumoviridae, род Metapneumovirus. Овој вирус е сроден со респираторниот синцицијален вирус (RSV), предизвикува респираторни инфекции, особено кај ранливите групи. Најранливи групи се малите деца, постарите лица и оние со ослабен имунолошки систем. Луѓето со хронични заболувања како што се астма или хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) имаат поголем ризик од појава на компликации.
Хуман метапнеумовирус, како и многу други респираторни вируси, се пренесува преку аеро-капков пат, односно преку кашлање, кивање или директен контакт со заразени лица. Вирусот може да се задржи на површини и да предизвика инфекција доколку заразено лице го допре носот, устата или очите по контакт со контаминирани предмети.
Симптомите на инфекцијата со хуман метапнеумовирус варираат во зависност од возраста и општата здравствена состојба на лицето. Најчесто се појавуваат симптоми слични на обична настинка или грип, како што се течење на носот, кивање, кашлица, болка во грлото и покачена телесна температура. Кај потешки случаи, вирусот може да предизвика бронхитис или пневмонија, особено кај ранливите групи – доенчиња и повозрасните лица, како и лицата со коморбидитети како ХОББ и астма. Во тој случај симптомите може да бидат посериозни, со појава на отежнато дишење, визинг и глад за воздух. Навремена клиничка дијагноза е клучна започнување на соодветен третман и избегнување на можните компликации.
Најефективниот начин за спречување на инфекцијата со хуман метапнеумовирус е одржување на хигиена и избегнување контакт со заразени лица. Редовно миење на раце со сапун и вода, користење на средства за дезинфекција, како и избегнување на допирање на лица со нечисти раце, може значително да го намали ризикот од инфекција. Дополнително, важно е да се проверуваат затворените простории, да се избегнуваат гужви за време на сезоните на зголемена циркулација на вируси и да се зајакне имунолошкиот систем преку здрава исхрана, редовна физичка активност и доволно сон.
Хуман метапнеумовирус е респираторен вирус, кој иако најчесто предизвикува лесни симптоми, може да доведе до сериозени здравствени компликации кај одредени групи на луѓе. Разбирање на начинот на пренос, симптомите кои се јавуваат и методите за превенција е од суштинско значење за намалување на неговото ширење и заштита на јавното здравје. Со примена на соодветни хигиенски мерки и посебно внимание на ризичните групи, може да го минимизираме ширењето на овој респираторен вируси да го заштитиме нашето здравје.