ПМ честички: Ризик за здравјето на срцето!

ПМ-честички-Ризик-за-здравјето-на-срцето

Загадениот воздух има големо негативно влијание врз здравјето на луѓето. ПМ честичките претставуваат ситни партикли кои се наоѓаат суспендирани во воздухот, а се составени од различни хемикалии, смог, чад и прашина.

Многу научни истражувања укажуваат на врска помеѓу хроничната изложеност на ПМ честички и поајава на бројни респираторни и кардиоваскуларни заболувања, вклучително астма, атеросклероза, срцев и мозочен удар. Се смета дека околу 80% од предвремените смртни случаи предизвикани од изложеност на загаден воздух се должат токму на кардиоваскуларните заболувања.

Врска помеѓу ПМ честичките и хроничните срцеви заболувања!

Врска помеѓу ПМ честичките и хроничните срцеви заболувања!

ПМ честичките според нивната големина се поделени на два типа и тоа ПМ10 и ПМ2.5 честички.  Поопасни се поситните честички, односнo ПM2.5 (со дијаметар под 2,5 микрометри), кои при дишењето навлегуваат до бронхиолите и алвеолите на белите дробови и можат да преминат во крвотокот, на тој начин ширејќи се низ целото тело.

Поради нивниот мал дијаметар тие лесно може да стигнат до срцето и да предизвикаат оштетување. Според бројни истражувања изложеноста на ПМ2.5 честички го зголемува ризикот од аритмија, атеросклероза, хипертензија,  инфаркт, мозочен удар, тромбоза и предизвикува влошување на срцева слабост кај осетливи индивидуи.

Како ПМ честичките водат до атеросклероза?

Кога ПМ2.5 честичките влегуваат во респираторниот систем, тие ги активираат имунолошките клетки како макрофаги и неутрофили, кои ослободуваат воспалителни медијатори и слободни радикали. Овие молекули предизвикуваат оштетување на ендотелот (внатрешниот слој на крвните садови), што го нарушува нормалното функционирање на крвните садови,го зголемува крвниот притисок и ја намалува еластичноста на артериите. Овие промени претставуваат основа за формирање на атеросклеротични плаки, кои ги стеснуваат крвните садови и ја зголемуваат веројатноста за срцев удар.

Како ПМ честичките водат до атеросклероза

Покрај тоа, ПМ2.5 честичките имаат директен ефект на митохондриите, клеточни структури кои произведуваат енергија во клетката. Изложеност на ПМ2.5 честички може да ја наруши нивната функција и да предизвика клеточна смрт, особено кај срцевите мускулни клетки.

Како да се заштитиме од ефектите на ПМ честичките?

Како да се заштитиме од ефектите на ПМ честичките

Еден од основните начини да го намалиме ризикот од срцеви болести предизвикани од аерозагадување е избегнување престој на отворено во области со високо загадување на воздухот. Друга протективна метода е носењето на заштитни маски, особено во денови со високи концентрации на ПМ2.5 честички. За лицата со постоечки кардиоваскуларни заболувања, важно е да избегнуваат физички напорни активности на загаден воздух и да користат прочистувачи на воздух во домот. Потоа, построги регулативи за аерозагадувањето, промоција на чисти извори на енергија и развој на инфраструктура за јавен транспорт можат значително да го намалат нивото на загадување и да го заштитат здравјето на населението.

Заклучок

Изложеноста на ПМ2.5 честички има значаен негативен ефект на здравјето на кардиоваскуларниот систем. Разбирањето на механизмите преку кои ПМ2.5 честичките предизвикуваат срцеви заболувања е клучно за развојот на ефикасни превентивни стратегии. Превенцијата вклучува како индивидуални мерки за намалување на изложеноста, така и глобални напори за намалување на загадувањето.

Footer-Outline